Со 61 глас „за“, 39 „против“ и без „воздржани“ Собранието вечерва го усвои дневниот ред на 71. седница, постапка што почна од вчера од кога и стартуваше активната блокада на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
И денеска, како и вчера, во Парламентот владееше тензија меѓу пратениците од опозицијата и претседателот на Собранието Талат Џафери, со бројни дофрлања, процедурални забелешки и обиди со излегувања од салата да не се обезбеди кворум за почеток на седницата.
Опозициските пратеници го обвинуваа Џафери дека го толкува Деловникот како што сака и не им дава доволно време да ги образложат нивите предлози. Тие повторно бараа нивните 10 предлог-закони да бидат ставени на дневен ред на оваа седница.
Освен тоа, побараа и промени на дневниот ред, односно поместување на дел од точките, додека на говорницата излегуваа со транспарент „Активна блокада на Собранието за национален спас“.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од вчера во законодавниот дом почнаа со блокадата на парламентот. До неа дојде откако истече рокот од десет дена кои лидерот Христијан Мицкоски му ги даде на премиерот Димитар Ковачевски за одржување лидерска средба на која ќе се договорат за предвремени парламентарни избори.
Опозициската БЕСА се придружи на бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ, додека пак од Алијансата за Албанците рекоа дека е легитимно право на секој политички субјект како ќе дејствува во Собранието, при што најавија дека на секој можен начин се обидуваат да спречат штетни закони во парламентот.