Европската унија го осуди убиството на палестинско-американската новинарка Ширин Абу Аклех и побара независна истрага за околностите на нејзината смрт.
Изјавата, објавена денеска од Службата за надворешни работи на ЕУ, дојде откако новинарката на Ал Џазира беше убиена додека известуваше за израелски напад врз палестински камп на окупираниот Западен Брег.
„Европската унија најостро го осудува убиството на палестинско-американската новинарка на Ал Џазира, Ширин Абу Аклех на окупираниот Западен Брег. Неопходно е што поскоро да се расветлат сите околности за овие инциденти со темелна независна истрага и одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата“, се вели во соопштението.
„Неприфатливо е да се таргетираат новинари додека тие си ја вршат својата работа. Новинарите кои покриваат конфликтни ситуации мора да имаат безбедност и заштита во секое време“, се додава во соопштението.
Во соопштението на Европската унија не се посочува кој е виновен за пукањето.
Работодавецот на 51-годишната новинарка, катарската новинска мрежа Ал Џазира, ги обвини израелските сили дека ја убиле намерно и „ладнокрвно“.
Израелскиот премиер Нафтали Бенет изјави дека е „веројатно“ дека „вооружени Палестинци“ се одговорни за смртта на новинарката.
Фотограф на АФП објави дека израелските сили пукале во областа и потоа го виделе телото на Абу Аклех како лежи на земја, без да има палестински вооружени лица во тоа време.