Најмалата малолетничка што имала абортус кај нас е на 13-годишна возраст, а само во 2020 година имало 18 пациентки под 15 години коишто биле родилки, при што скоро 5 проценти од новороденчињата ги родиле малолетни трудници. Овие статистики беа прикажани на денешната панел дискусија по повод Неделата на женското здравје, во организација на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО).
Панелистите потенцираа дека едукацијата на младите за сексуалното воспитување е многу битно во натамошното намалување на сите болести од областа на гинекологијата и истакнаа дека мора да работат посветени сите чинители за да се подигне свеста и знаењето на населението за основните нивни права и услуги и превенцијата која што може да ја добијат.
Според анализите на МАГО, повеќе од 30 проценти од жените воопшто немаат избрано матичен гинеколог, поради што не одат на редовни гинеколошки прегледи, не ги користат превентивните мерки, односно правото да го заштитат своето сексуално и репродуктивно здравје. Според нив, кај младите иако се информираат од медиумите и од другите информативни портали, сепак има една стигма и едно незнаење за некои од основните работи.
Некаде 20 проценти од младите, мислат дека кондомот штити од несакана бременост, а не штити од сексуално преносливи инфекции и обратно 20 проценти од младите мислат дека ако пијат орална контрацепција тоа ќе ги заштити од сексуално преносливи болести што апсолутно не е точно, посочуваат од МАГО.