Иран соопшти дека се уапсиени двајца граѓани на европска земја додека претставник на Европската унија го посетил Техеран на разговори околу закочените нуклеарни преговори со светските сили.
„Двајца Европејци се уапсени во Иран за организирање немири во земјата“, соопшти денеска Министерството за разузнавање, пренесоа иранските новински агенции. Не беа откриени дополнителни детали за тоа од која националност се приведените.
Шведска минатата недела соопшти дека еден нејзин државјанин кој патувал како турист е приведен во Иран, но не е јасно дали неговиот случај е поврзан со соопштението на Министерството за разузнавање.
Агенцијата ИРНА соопшти дека „странските заговорници“ испратиле двајца „искусни агенти“ во Иран да сеат раздор и додава дека министерството ги гони од „моментот на пристигнувањето“.
Објавата доаѓа за време на посетата на претставникот на ЕУ за нуклеарните преговори Енрике Мора, во време на закани од Техеран дека ќе погуби иранско-шведски истражувач затворен од 2016 година, додека пак друг ирански државјанин се соочува со доживотна казна затвор во Шведска.
Мора ги координира разговорите за заживување на иранскиот нуклеарен договор со светските сили во услови на последните напори да се спаси договорот по еднонеделниот застој на разговорите во Виена.
Мора рече дека ќе се сретне со иранскиот преговарач Али Багери Кани за време на неговата посета на иранскиот главен град.
„Продолжува работата на затворање на преостанатите празнини од овие преговори“, напиша тој на Твитер.
Иран се заканува дека ќе го погуби шведско-иранскиот истражувач Ахмадреза Џалали до 21 мај. Џалали е специјализиран за помош при катастрофи и предавал на европските универзитети. Организациите за човекови права го осудија неговото притворање.
Објавувањето за неговата непосредна егзекуција дојде додека својата казна ја чекаше ирански државјанин обвинет во Шведска за масовни егзекуции извршени во 1980-тите.
Шведските обвинители бараат доживотен затвор за Хамид Нури, кој се наоѓа во притвор во Шведска од неговото апсење во Стокхолм во ноември 2019 година. Окружниот суд во Стокхолм соопшти дека пресудата за тој случај се очекува да биде донесена на 14 јули.