Скоро секоја трет млад човек сака да се отсели од земјава, при што оваа желба е најголема во Источниот регион, а најмала кај младите од Полошко, покажа ново истражување на Агенцијата за млади и спорт.
Притоа, високи 68 проценти од младите имаат негативен став кон образованието, а речиси 30 проценти проблемот го гледаат во наставниот кадар, за кој истакнале дека е неквалфикуван и незаинтересиран.
Според податоците, младите сметаат дека квалитетот на живеење може да се подобри преку доброто образование, можности за вработување и намалување на корупцијата за која сметаат дека постои секаде и од неа зависат сите области.
Исто така, 30 проценти од испитаниците одговориле дека немаат доволно можности за развој во државава, додека 33 отсто имаат желба за развивање сопствен бизнис, но не и доволно можности за тоа. За 24 отсто од младите најдобро е да се бара работа во странство, а за 23 проценти приватниот сектор е најдобрата опција за вработување.
Македонија ќе треба да увезува работници
Целта на истражувањето, со кое биле опфатени 1.200 испитаници од осумте плански региони, била да постави основа и даде увид во однос на ставовите, перцепциите и очекувањата на младите луѓе во државава. Истражувањето е спроведено во периодот од јануари до март 2022 година.