Гугл постигна договор со дел од европските медиуми за плаќање на содржините

Гугл објави дека постигнал договор со повеќе од 300 медиуми во шест земји од Европската унија (ЕУ) да платат за нивната содржина, објавувајќи понуди за медиуми и во други земји-членки на ЕУ.

Овој потег, кој ќе биде официјализиран во текот на денот уследи по усвојувањето на значајните правила на ЕУ за авторски права пред три години, со кои се бара од Гугл и другите интернет платформи да им плаќаат на музичарите, изведувачите, авторите, медиумските агенции и новинарите да ја користат нивната работа.

Издавачите се меѓу најжестоките критичари на Гугл и долго време ги повикуваат владите да го регулираат плаќањето на такси за медиумска содржина објавена на дигитални платформи.

Австралија ја пропиша исплатата минатата година, а сличен закон стапи на сила во Канада во април.

Директорката за медиуми на Гугл, Сулина Конал на својот блог објави дека се договориле за плаќање на содржините и со околу 300 медиумски компании во земјите членки на ЕУ.

„Договорите што ги постигнавме досега опфаќаат повеќе од 300 национални, локални и специјализирани публикации на весници во Германија, Унгарија, Франција, Австрија, Холандија и Ирска, а многу дискусии се во тек“, напиша Конал.

Конал не наведе колку ќе им плаќаат на медиумите, а деталите треба да бидат објавени подоцна.

Најавена е и нова алатка која во наредните месеци ќе им понуди договори на други издавачи во ЕУ, почнувајќи од Германија и Унгарија. Алатката ќе им понуди на издавачите проширен договор за преглед на вести што ќе му овозможи на Гугл приказ на исечоци и најава на вести со плаќање соодветен надомест за тоа.