Бугарскиот премиер, Кирил Петков, за време на посетата во Соединетите Држави договорил реални испораки на течен природен гас за Бугарија по цени пониски од оние на руската компанија „Газпром“.
Петков и американската потпретседателка Камала Харис Харис разговарале и за стратешкото партнерство меѓу Софија и Вашингтон и за можностите за продлабочување на соработката во интерес на двете земји, јави допосникот на МИА од Софија.
Бугарскиот премиер посочи дека ова што се случува во Европа е јасен знак за потребата од забрзани и реални мерки во енергетската сфера.
Потпретседателката Камала Харис и честиташе на Бугарија за решителните активности што ги презеде за да го одбрани нејзиниот енергетски суверенитет.
Бугарскиот премиер од своја страна посочи дека партнерството меѓу Софија и Вашингтон е важен дел од постигнувањето на бугарската гасна независност, заедно со солидарноста на ЕУ.
Петков во Стејт департментот разговарал и со американскиот државен секретар Ентони Блинкон. Двајцата разговарале за партнерство со САД за енергетска диверзификација на Бугарија и регионот на Западен Балкан. Покрај ова се разговарало и за модернизација на бугарските вооружени сили, како и за стабилноста и развојот на Западен Балкан.