Шпанската влада го разреши шефот на разузнавачката служба поради користење на софтверот Пегаз

Mинистерката за одбрана Маргарита Роблес и премиерот Педро Санчез

Шпанската влада го отпушти шефот на разузнавањето Паз Естебан поради скандалот со двојно хакирање на телефоните со шпионскиот софтвер „Пегаз“, објави денеска министерката за одбрана Маргарита Роблес.

Националниот разузнавачки центар (ЦНИ), на чело со Естебан, е критикуван дека наводно користел Пегаз направен од израелската групација НСО, за да го прислушува лидерот на каталонското движење за независност, пренесува Ројтерс.

Тој, исто така, се соочи со обвинувања и прашања околу неговиот неуспех да спречи непознати лица да ги хакираат телефоните на премиерот Педро Санчез и други официјални лица користејќи го истиот шпионски софтвер.

Објавувајќи го разрешувањето на Естебан, министерката за одбрана Маргарита Роблес призна дека биле направени грешки.

„Се разбира дека има безбедносни недостатоци, ќе продолжат да постојат, бидејќи тоа е една од цените што ги плаќаме за технологијата“, им рече таа за новинарите.

Левичарската коалициска влада беше под притисок детално да објасни кога и зошто Пегаз бил користен откако канадската група за дигитални права Citizen Lab минатиот месец соопшти дека повеќе од 60 луѓе поврзани со каталонското сепаратистичко движење биле цел на шпионскиот софтвер.

Скандалот ја натера каталонската левичарска партија за независност, ЕРЦ, сојузник на шпанската малцинска влада, да објави дека нема да ја поддржи при гласањето во парламентот додека не преземе мерки за враќање на довербата.

Неколку дена подоцна, шпанската влада објави дека открила шпионски софтвер Пегаз во мобилните телефони на Санчез и Роблес, без да прецизира кој би можел да стои зад него.

Естебан се појави пред пратениците во Конгресот минатата недела за да го објасни прислушувањето на каталонските водачи.

Неговото сведочење беше тајно, но некои пратеници кои присуствуваа кажаа дека Естебан признал дека агенцијата прислушувала 18 каталонски лидери, но секогаш по судски налог, како што налага законот.