Соединетите Држави веруваат дека рускиот претседател Владимир Путин се подготвува за продолжен конфликт во Украина, изјави денеска директорката на Националната Агенција за разузнавање на САД, Аврил Хејнс.
„Оценуваме дека претседателот Путин се подготвува за продолжен конфликт во Украина за време на кој сè уште има намера да постигне цели надвор од Донбас“, рече Хејнс пред Комитетот за вооружени сили на Сенатот.
Таа додаде дека постојат индикации дека Русија сака да го прошири копнениот мост до Трансдњестар. Во своето обраќање пред комитетот, таа додаде дека Путин смета дека одлучноста на Западот ќе ослабне со текот на времето, а победата во Донбас можеби нема да стави крај на војната.
„Путин, најверојатно, суди дека Русија има поголема способност и подготвеност да издржи предизвици од неговите противници и тој веројатно смета на решителноста на САД и ЕУ да ослабат бидејќи недостигот на храна, инфлацијата и цените на енергијата се влошуваат“, рече Хејнс.
- Говорот на Путин и значењето на она што не го кажа
- Ден на победата: Путин ја брани руската инвазија, Зеленски најави втора победа на Украина
Таа истакна дека се очекува Путин да стане понепредвидлив и дека може да нареди воена состојба во Русија.
„Сегашниот тренд ја зголемува веројатноста претседателот Путин да се сврти кон подрастични средства, вклучително и воведување воена состојба, преориентирање на индустриското производство или поекстремни воени опции за да ги ослободи ресурсите потребни за да ги постигне своите цели“, рече таа.
Хејнс рече дека Путин најверојатно нема да нареди употреба на нуклеарно оружје освен ако руската татковина не се соочи со „егзистенцијална закана“.
Генерал-полковник Скот Бериер, кој исто така зборуваше пред комитетот, рече дека Русија прибегнала кон неселективни и брутални методи како одговор на украинскиот отпор. Тој рече дека САД проценуваат дека меѓу осум и 10 руски генерали биле убиени во војната. Тој истакна дека ниту една страна во моментов не победува.