Поранешните припадници на ОВК се изјаснија за невини по новите обвиненија за воени злосторства

Хашим Тачи

Поранешниот претседател на Косово Хашим Тачи и другите поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК) - Кадри Весели, Рехџеп Селими и Јакуп Красниќи, се изјаснија за невини по новите обвиненија за воени злосторства од потврденото изменето обвинение, поднесено од Специјализираното обвинителство на Косово со седиште во Хаг.

На рочиштето на 10 мај Тачи рече дека не ги разбира новите обвинувања против него, но сепак се изјасни за невин.

Новите обвиненија се однесуваат на наводни злосторства во два притворни центри во Сухарека и притворниот центар Гњилане, вклучувајќи кривични дела прогон, затвор и други нехумани дејствија, нехумано постапување, тортура, незаконско убиство и присилно исчезнување.

И Кадри Весељи се изјасни за невин по новите обвиненија и побара судењето да започне што е можно поскоро.

„Ги прочитав новите обвиненија и само сакам судењето да започне што поскоро и имам право да се изјаснам за невиност пред граѓаните и пред судот“, рече Весељи.

Јакуп Красниќи исто така се изјасни за невин по новите обвиненија.

„Со целосно уверување можам да кажам дека ми е тешко да го разберам првото обвинение и дополнетото, бидејќи тие дела никогаш во животот не сум ги направил“, рече Красниќи. Тој исто така побара судењето да започне што е можно поскоро, додавајќи дека не може да верува оти судиите, образовани во либералните демократии, „се осмелиле да поднесат обвинение само врз основа на лагите на Србија“.

Реџеп Селими ги отфрли и наводите во изменетиот обвинителен акт за воени злосторства и злосторства против човештвото, истакнувајќи дека тој не одговара за делата за кои се товари.

Обвинението против Тачи, Весељи, Красниќи и Селими беше поднесено во октомври 2020 година. Во обвинението се наведува дека тие се индивидуално кривично одговорни за различни форми на кривична одговорност за злосторства извршени во контекст на вооружен конфликт од немеѓународна природа на Косово и кои биле дел од широк и систематски напад врз лица кои се сметаат за противници на ОВК.