Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ: Блокада на Собранието за спас на државата

Блокада на Собранието на Северна Македонија од стана на опозицијата.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ истакнуваа транспаренти на почетокот на 71. собраниска седница, со што ја стартуваа најавената блокада на Собранието.

На голем транспарент што го истакнаа пратениците на опозицијата беше напишано „активна блокада за спас од национална катастрофа. Изборите се излезот“.

На тоа реагираа пратениците од власта. Пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески рече дека ВМРО-ДПМНЕ е единствена опозиција во светот која блокира Собрание за време на светска економска и енергетска криза.

Митрески истакна дека доколку ВМРО-ДПМНЕ сака избори треба да обезбеди 61 пратеник за распуштање на Собранието но тоа не може да го направи па затоа се обидува да ја блокира работата на Парламентот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ги опоменуваше пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека не е нивна задача да ги бројат присутните пратеници или да ги фотографираат.

Собранието во рамки на 71.седница не го усвои предлогот на група пратеници од опозицијата по итна постапка да се донесе законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија.

Со 56 гласа „за“ беше предложено да бидат на дневен ред измените и дополнувањата на Законот за превоз во патниот сообраќај и за пензиското и инвалидското осигурување по скратена постапка.

На денешната седница се повеќе предлог-закони, главно од областа на финансиите и одбраната. Пред пратениците се и неколку предлог – одлуки, како и годишни извештаи за работата на државни агенции, комисии, МРТ и Судскиот совет. Ќе се разгледува и Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2021 година.

На барање на координаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците Илире Даути беше објавена пауза.