Литванските пратеници едногласно усвоија резолуција со која Русија ја признаваат како „терористичка држава“, a неиспровоцираната инвазија на Москва врз Украина ја нарекуваат „геноцид врз украинскиот народ“.
Во резолуцијата донесена денеска, пратениците исто така повикаа на формирање на меѓународен суд кој ќе ги гони руските официјални лица одговорни за војната во Украина, слично на судењето во Нирнберг што го одржаа сојузниците против претставниците на поразената нацистичка Германија за заговор и извршување инвазии на други земји и други злосторства во Втората светска војна.
„Руската Федерација, чии вооружени сили намерно и системски избраа цивилни цели за бомбардирање, е државата која поддржува и спроведува терористички акти“, се вели во литванската парламентарна резолуција.
Резолуцијата го споредува рускиот претседател Владимир Путин со советскиот диктатор Јозеф Сталин, нарекувајќи ја модерната Русија под власта на Путин „реинкарнација“ на Советскиот Сојуз.
Резолуцијата ги повикува Обединетите нации, Европскиот парламент, Парламентарното собрание на Советот на Европа, Парламентарното собрание на ОБСЕ, Парламентарното собрание на НАТО, странските парламенти и влади да го признаат и гонат геноцидот, воените злосторства и злосторствата против човештвото извршени од Руската Федерација“.
Минатиот месец, пратениците во две други балтички земји, Естонија и Летонија исто така усвоија резолуции со кои ја обвинуваат Русија за геноцид врз украинскиот народ.
Трите балтички држави, исто така, минатиот месец забранија прикажување на симболите „Z“ и „V“, кои ги користат поддржувачите на руската војна во Украина.