Министрите за надворешни работи на Германија и Холандија беа во ненадејна посета на Украина и застанаа во киевските предградија Буча и Ирпин каде што руските сили се обвинети дека извршиле воени злосторства пред нивното повлекување минатиот месец.
Шефицата на германската дипломатија Аналена Баербок е прва од германските министри кој го посети Киев по стартот на рускиот неиспровоциран напад врз Украина кон крајот на февруари.
Нејзиниот холандски колега Вопке Хоекстра исто така дојде во посета, а потоа заедно се подготвуваа да се сретнат подоцна во текот на денот со украинскиот претседател Володимир Зеленски и министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба.
По повлекувањето на руските сили од Буча и другите градови во близина на Киев беа откриени страшни докази за брутални убиства, тортура, масовни гробници и неселективно таргетирање на цивили во борбите, што поттикна повици од неколку земји, како и од Обединетите нации и Меѓународниот кривичен суд да бидат спроведени истраги за да се утврди дали биле извршени воени злосторства.
Украинската полиција соопшти дека мнозинството од цивилите убиени во Буча умреле од прострелни рани, а дека на некои од жртвите им биле врзани рацете зад грб.