Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок дојде во ненадејна посета на Украина, застанувајќи во киевското предградие Буча каде руските сили се обвинети дека извршиле воени злосторства пред нивното повлекување минатиот месец.
Неколку западни новински агенции го објавија денешното патувањето што ја прави Баербок прва од германските министри што го посетила Киев, откако Русија кон крајот на февруари го започна својот неиспровоциран напад врз Украина.
По повлекувањето на руските сили од Буча и другите градови во близина на Киев беа откриени страшни докази за брутални убиства, тортура, масовни гробници и неселективно таргетирање на цивили во борбите, што поттикнаа повици од неколку земји, како и од Обединетите нации и Меѓународниот кривичен суд да бидат спроведени истраги за да се утврди дали биле извршени воени злосторства.
Украинската полиција соопшти дека мнозинството од цивилите убиени во Буча умреле од прострелни рани, а дека на некои од жртвите им биле врзани рацете зад грб.
Руските власти тврдат дека руските сили не нападнале цивили во Украина и рекоа дека видео снимките од Буча на кои се прикажани тела на цивили кои лежат на улиците биле изведени со цел да се оправдаат новите западни санкции и да се нарушат мировните преговори.