Русија - За можен нуклеарен напад се одлучува според руската воена доктрина

Рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко.

Запрашан дали Русија ќе отфрли превентивен тактички нуклеарен напад врз Украина, рускиот заменик министер за надворешни работи денеска рече дека одлуката за можна употреба на нуклеарно оружје е јасно наведена во руската воена доктрина.

„Имаме воена доктрина, таму е се напишано“, изјави Александар Грушко, пренесува руската државна новинска агенција РИА.

Официјалните руски принципи за воено распоредување дозволуваат употреба на нуклеарно оружје доколку тоа, или други видови оружја за масовно уништување, се користат против нив или ако руската држава се соочи со егзистенцијална закана од конвенционалното оружје, пишува Ројтерс.

Одлуката за користење на огромниот нуклеарен арсенал на Русија останува на рускиот претседател Владимир Путин.

Руската инвазија уби илјадници, раселени се речиси десет милиони луѓе и предизвика страв од поширока конфронтација меѓу Русија и САД - убедливо најголемата нуклеарна сила во светот.

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Барнс во саботата изјави дека Путин верува дека не може да си дозволи да загуби во Украина и предупреди дека Западот не може да го игнорира ризикот Москва да користи тактичко нуклеарно оружје.

„Како разузнавачка заедница, во овој момент не гледаме никакви практични докази за руското планирање за распоредување или дури и употреба на тактичко нуклеарно оружје“, рече Барнс.

Сепак, тој предупреди дека „влогот за Русија на Путин е многу голем“.