Генералното собрание на ОН денеска треба да гласа за тоа која земја ќе ја замени Русија во водечкото тело за човекови права на Светската организација по нејзиното суспендирање поради наводите за ужасно кршење на правата од страна на руски војници во Украина. Портпаролката на Генералното собрание Паулина Кубијак изјави дека Чешката Република е единствениот кандидат за местото во 47-члениот Совет за човекови права. Местата во Советот со седиште во Женева се поделени меѓу регионалните групи и замената за Русија треба да биде од источноевропска земја. Откако Генералното собрание ја суспендираше Русија, нејзиниот заменик-амбасадор Генадиј Кузмин им рече на членовите на ОН дека Русија се повлече од Советот за човекови права пред гласањето.
ОН: Се зголемуваат доказите за воени злосторства во Украина
Портпаролот на Советот Роландо Гомез изјави дека со повлекувањето, Русија избегнала да биде лишена од статусот на набљудувач во телото за права. Од нејзината инвазија на Украина на 24 февруари, Русија го загуби своето место во повеќе тела на ОН, вклучително и извршните одбори на Детската агенција на ОН УНИЦЕФ, Комитетот за невладини организации и Постојаниот форум за домородните прашања. Русија во минатиот месец беше суспендирана и од Светската туристичка организација.