ВМРО-ДПМНЕ со блокада на работата на Собранието

ВМРО-ДПМНЕ лого

ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партии од денеска започнуваат блокада на Собранието. Блокадата, како што е најавено, ќе трае се до распишувањето предвремени парламентарни избори. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека блокадата ќе трае во континуитет сѐ до промената на власта, односно сѐ до договор за датум за предвремени парламентарни избори. Таа ќе подразбира филибастеринг, илјадници амандмани на секој владин проект, бескрајни пратенички дискусиии, блокирање на работата на комисиите и пленарните седници. Најголемата опозициска партија порачува дека и покрај блокадата на Собранието ќе учествува во дебатата за ребаланс на буџетот.

СДСМ- Ќе се спротивставиме на антидржавните блокади на ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот Димитар Ковачевски деновиве изјави дека лидерска средба заснована врз уцени и закани нема да има, а најавената блокада во време на војна во Украина и во услови на криза ја смета за неодговорен чекор. Во меѓувреме во Собранието блокирани остануваат повеќе законски решенија како што се Законот за Клинички центар, Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, Законот за службата во Армијата, а до крајот на мај во Собранието треба да се најде и најавениот ребаланс на Буџетот.