Уште еден руски тајкун почина под чудни околности по руската инвазија врз Украина

Илсутрација, јахта во сопственост на руски тајкун

Поранешниот главен менаџер на Лукоил, Александар Суботин, починал под наводно чудни околности. Ова е последна во серијата мистериозни смртни случаи на руски бизнисмени откако Москва ја започна својата непредизвикана инвазија на Украина на 24 февруари.

Медиумите цитираа извори блиски до московската регионална полиција на 9 мај, кои рекоа дека се започнати форензички тестови за да се открие можно присутво на дрога во телото на Суботин, кое беше пронајдено во подрум во куќа во град во близина на руската престолнина еден ден претходно.

Според изворите, сопственикот на куќата во која е пронајдено телото на милијардерот, Алексеј Пиндурин, познат и како Шаман Магуа, сведочел во полиција дека Суботин дошол во неговата куќа под дејство на алкохол и дрога барајќи помош за ублажување на симптомите на мамурлак.

Руски олигарси бараат да се стави крај на војната во Украина

Пред помалку од три недели, на 21 април, медиумите во Шпанија објавија дека поранешниот главен менаџер на рускиот гасен гигант Новатек, Сергеј Протосења, неговата сопруга и неговата ќерка биле пронајдени мртви во изнајмена вила во градот Лорет де Мар во близина на Барселона. 55-годишниот милионер бил пронајден обесен, додека неговата сопруга и ќерка биле избодени до смрт во вилата, соопшти полицијата.

Руските олигарси, Путин и војната во Украина

На 18 април, поранешниот потпретседател на една од водечките руски финансиски институции - Газпромбанк, Владислав Аваев, беше пронајден мртов во неговиот стан во Москва заедно со телата на неговата сопруга и ќерка.

Полицијата тогаш соопшти дека станот бил заклучен одвнатре, а во рацете на Аваев бил пронајден пиштол, што довело до заклучок дека Аваев ги застрелал сопругата и неговата ќерка тинејџерка пред да се самоубие.

На 24 март, друг руски милијардер, Василиј Мелников, кој беше сопственик на компанијата за медицински набавки Медстом, неговата сопруга и двајцата синови беа пронајдени избодени до смрт во нивниот стан во градот Нижни Новгород.

На 28 февруари, рускиот тајкун Михаил Ватфорд беше пронајден обесен во гаражата во неговиот дом во Сари во Обединетото Кралство. Официјални лица на Велика Британија тогаш рекоа дека немало знаци за насилство предизвикано од друго лице.


На 25 февруари, еден ден откако Русија ја започна својата инвазија на Украина, главниот менаџер на рускиот енергетски гигант Гаспром, Александар Тјуљаков, беше пронајден обесен во гаражата во неговата куќа во близина на Санкт Петербург. Полицијата тогаш соопшти дека до телото нашла белешка за самоубиство.

Пртеходно друг висок извршен директор на Газпром, Леонид Шулман, беше пронајден мртов во куќа во близина на Санкт Петербург во јануари неколку недели пред Русија да ја започне својата инвазија. До неговото тело била пронајдена и белешка за самоубиство.