Со одлуката на денешното заседание на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ, се вели во денешното соопштение од Канцеларијата на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија. Во него е посочено дека Вселенската Патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од Архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа.
„Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. Како име на оваа Црква го признава „Охридска“ (имајќи го на ум, како област на нејзината јурисдикција, владението во границите на државата Северна Македонија), како што нејзиниот Претстојател писмено ѝ вети на Вселенската Патријаршија, која не го употребува терминот „Македонска“, или друга изведенка од зборот „Македонија“, се вели во соопштението.
Во него е наведено дека Вселенската патријаршија продолжува да се интересира за растењето, напредокот и благосостојбата на оваа црковна целина на Охрид, како што и правела низ вековите за сите помесни православни цркви.
Пендаровски-Вартоломеј: што поскоро решавање на статусот на МПЦ-ОА
СПЦ е во повеќедецениски спор со МПЦ-ОА, оспорувајќи ја нејзината автокефалност. Разговорите што повремено се водат во изминативе години немаа позитивен исход, поради што МПЦ-ОА за решавање на својот статус се обрати до Фанар и вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Порфириј: Важно е да се надмине расколот со Македонската црква
Непосредно пред потпишувањето на Договорот за името со Грција во април 2018 година Македонската православна црква испрати писмо со барање до Вселенската патријаршија за признавање на автокефалноста која има историски и канонски права и привилегии да прифаќа апелација и да доделува автокефалност.
Може ли МПЦ-ОА да го фати „украинскиот воз“ до автокефалност
Оттогаш и државниот врв на Република Северна Македонија упати неколку писма и молби до Вселенскиот Патријарх Вартоломеј за уважување на молбата за апелација.
Оваа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на црквата, туку дека МПЦ со Вселенската Патријаршија не се повеќе во шизма и раскол со севкупната православната Црква и македонските свештеници можат да сослужуваат со свештениците од другите православни цркви. За утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.