Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел денеска изјави дека полните силоси со жито се блокирани во Одеса, поради ракетните напади од руските сили врз украинскиот пристанишен град.
Мишел за време на денешната посета на Одеса изјави дека залихите на жито, пченица и пченка се подготвени за извоз, но блокирани, што ја поттикнува потребата за „глобален одговор“.
„Оваа многу потребна храна е блокирана поради руската војна и блокадата на пристаништата на Црното Море, предизвикувајќи драматични последици за ранливите земји“, напиша Мишел во постот на социјалната мрежа Твитер.
На 2 мај Украина привремено затвори четири поморски пристаништа додека земјата не ја „поврати контролата над нив“.
Украина формално ги затвора главните пристаништа
Обединетите нации предупредија дека руската војна против Украина која е главен светски извозник на жито, може да предизвика голема прехранбена криза која ќе влијае на Европа, Азија и Африка.
Претседателот Володимир Зеленски разговараше со Мишел и премиерот Денис Шмигал за време на посетата на Одеса, истакнувајќи дека Украина снабдува жито за речиси 400 милиони луѓе на планетата.
Украина ја обвинува Русија дека краде жито
„Важно е да се спречи криза со храна во светот предизвикана од агресивните дејства на Русија. Мора да се преземат итни мерки за отклучување на украинските пристаништа за извоз на пченица“, изјави Зеленски.
Претходно украинските власти ја обвинија Русија дека украла стотици илјади тони жито од украинските територии кои се под нејзина окупација.
Руските напади и блокирањето на украинските пристаништа негативно влијаеше врз производството на жито, што предивика меѓународна загриженост за растот на цената на храната.