Со сите демократски средства и деловнички можности, СДСМ и парламентарното мнозинство ќе се спротивстави на блокадите и деструкциите од ВМРО-ДПМНЕ, се вели во реакцијата на владејачката СДСМ по најавата за утрешната блокада на Собранието.
ВМРО-ДПМНЕ од утре со активна блокада на Собранието се до распишување предвремени избори
Координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ Никола Мицевски на прес конференција изјави дека од утре опозициските пратеници ќе ја блокираат делумно работата на Парламентот. Блокадата, како што најавија, ќе трае се до распишувањето предвремени парламентарни избори. Најголемата опозициска партија најави дека и покрај блокадата на Парламентот, сепак ќе учествува во дебатата за ребаланс на буџетот.
„Нема да дозволима граѓаните да страдаат заради лични или партиски хирови на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски,“ се вели во соопштението на СДСМ.
Опозицијата бара лидерска средба на која ќе се разговара за датум за предвремени парламентарни избори.
„ Активно ќе бидат блокирани само штетните законски политики“ изјави Мицевски и додаде дека утре ќе го прецизира точниот број на закони кои треба да влезат во Собрание, а ќе бидат опструирани.
Ковачевски: Нема лидерска со уцени и закани
„Одлуката на ВМРО-ДПМНЕ е анти-државна, СДСМ ќе се спротивстави на блокадите. Неодговорна, штетна и анти-државна е одлуката за блокада на Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски. Мицкоски, по нарачка на Никола Груевски, прави се државата да има дополнителни проблеми во време на најголема светска економска и енергетска криза, среќен единствено кога создава блокади“ се вели во соопштението на СДСМ.
Оттаму посочуваат дека парламентарното мнозинство е зголемено, стабилно е и функционално, а парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин, во 2024 година.