Берлин бара Скопје и Тирана што е можно побрзо да почне со преговорите со ЕУ

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и нејзината колешка министерка за Европа Ана Лирман на Денот на Европа излегоа со јасна порака за брз почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија и Албанија. Тие во своите пораки истакнаа дека ЕУ мора сега да направи значителен напредок со отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, што е можно побрзо, јавува новинската агенција МИА.

„Европската Унија никогаш повеќе не треба да дава празни ветувања и неопходно е конечно да се отворат претпристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, изјави Бербок.

Ново одлагање на преговорите со ЕУ носи нови ризици за земјата

Таа од друга страна нагласи дека Украина не треба да очекува брзо пристапување во ЕУ.

„Украина припаѓа на европското семејство. Но, не знаеме кога би можел да следува приемот и како тоа да се спроведе, бидејќи Украина во моментов е во страшна војна, рече Бербок.

Центри на моќ контра договор Софија - Скопје за да не се зацврсти позицијата на ЕУ на Балканот

Таа претходно во врска со Украина укажуваше на тоа дека пристапниот процес трае со години и дека не може да се спроведе по забрзана постапка.
Германската државна министерка за Европа и клима, Ана Лирман во интервју за Еуроактив истакна дека за неа е јасно дека ЕУ мора да го исполни ветувањето.

„Постојат многу јасни правила во процесот на пристапување. Значи ако се спроведат реформи, тогаш овие земји ќе бидат чекор поблиску до ЕУ, изјави Лирман во интервју за Еурактив.

Таа додаде дека пред земјите од Западен Балкан да станат членки, ЕУ мора да почне со институционални реформи со кои блокот ќе се подготви да функционира и со 33 или повеќе земји членки. Според неа проширување на ЕУ е тесно поврзано со способноста на Унијата да дејствува и во таа смисла е важно да има помала можност за вето во надворешната политика.

„Она што за нас како сојузна Влада е важно да постојат помалку вето опции во надворешната политика за да бидеме поспособни за дејствување. За тоа веќе има можност во постоечката рамка на договорот и сега би требало заедно да разговараме како европските институции тоа најдобро да го постигнат“, рече Лирман.

Германската државна министерка изјави дека ЕУ на руската агресија реагирала пообединето и поодлучно од кога и да е и оти покажала дека постои силна основа за преговори за напуштање на принципот на едногласност во одлучувањето во надворешно-политичките прашања.