Албанија од утре ќе почне да увезува сончогледово масло од Македонија, кое претходно главно се увезувало од Украина, најави албанската министерка за финансии, Делина Ибрахимај на денешната заедничка прес-конференција со македонскиот министер Крешник Бектеши.
„Република Северна Македонија утре ќе донесе важна одлука со која ќе се отвори извозот на сончогледово масло во Албанија, производ кој главно беше увезуван од Украина. Кај нас се чувствуваше недостиг како и на меѓународните пазари, што е и причината зошто цените се повисоки“, рече Ибрахимај.
Притоа таа му се заблагодари на министерот Бектеши за како што рече, конструктивните разговори и додаде дека ќе продолжат добрите односите меѓу двете земји на полето на трговијата.
Поради недостиг на масло за јадење во Албанија, чија цена е 3,1 евро, голем број албански граѓани од пограничните региони со Северна Македонија зејтин главно купуваат во Дебар, Струга, Охрид и Ресен.
Голем раст на цената на овој производ има и во Македонија. Ако летоска литро зејтин чинеше 60-тина денари, сега цената е околу 130 денари, или нешто над две евра. Поради трупањето залихи од страна на граѓаните, но и намалувањето на маржите за овој производ, одреден период во повеќе маркети имаше недостиг на овој производ. Сепак, властите цело време смируваа дека зејтин ќе има, односно нема недостиг во Македонија.