Рускиот претседател Владимир Путин, обраќајќи им се на војниците по повод 77-годишнината од победата над нацистичка Германија, ги осуди како што рече, надворешните закани за ослабување и поделба на Русија и ги повтори познатите аргументи што ги користеше за да ја оправда руската инвазија - дека НАТО создава закани веднаш до нејзините граници.
Путин на Црвениот плоштад во Москва истакна дека руските сили во Украина ја продолжуваат битката против нацизмот, како и дека ја бранат татковината од „неприфатлива закана“. Притоа тој истакна дека е важно „да се направи се за да не се повтори ужасот на глобалната војна“.
Тој директно им се обрати на војниците кои се борат во регионот Донбас во источна Украина, кој Русија вети дека ќе го „ослободи“ од Киев.
„Одбраната на татковината кога се одлучува за нејзината судбина отсекогаш била света. Денеска се борите за нашиот народ во Донбас, за безбедноста на Русија, нашата татковина“, рече тој.
„Смртта на секој војник и офицер е болна за нас. Државата ќе направи се за да се грижи за овие семејства“, рече тој.
Својот говор го заврши со извик до собраните војници: „За Русија, за победа, Ура!“
11-минутниот говор на Путин на 75-тиот ден од инвазијата не понуди оценка за напредокот во војната и не даде никакви индикации за тоа колку долго може да продолжи.
Тој постојано ја споредува војната - која ја нарекува борба против опасните националисти инспирирани од „нацистите“ во Украина - со предизвикот со кој се соочи Советскиот Сојуз кога Адолф Хитлер изврши инвазија во 1941 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски пак изјави дека Русија е таа што организира „крвава реконструкција на нацизмот“ во Украина.
На Црвениот плоштад во Москва денеска се одржува традиционалната парада за Денот на победата, 9-ти мај, односно 77-та годишнина од капитулацијата на нацистичка Германија пред Советскиот Сојуз во Втората светска војна. Според руското Министерство за одбрана, во маршот ќе бидат вклучени 33 парадни единици со над 10.000 лица. Механизираната колона ќе има 131 вооружен систем.