Лидерите на Групата седум (Г7) во неделата ветија дека ќе го забранат или постепено ќе го укинат увозот на руска нафта, а САД најавија санкции против директорите на Гаспромбанк и другите компании за да ја казнат Москва за нејзината војна против Украина.
Овој потег го претставува последниот обид на Западот да изврши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин поради инвазијата на неговата земја во Украина и смртоносните последици што следеа.
Американскиот претседател Џо Бајден им се придружи на лидерите на Г7 на видео-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да разговараат за војната, поддршката за Украина и дополнителните мерки против Москва.
„Ние сме посветени на постепено укинување на нашата зависност од руската енергија, вклучително и постепено укинување или забрана на увоз на руска нафта. Ќе се погрижиме тоа да го направиме навремено и уредно. Ние исто така ќе работиме заедно со нашите партнери за да обезбедиме стабилно и одржливо глобално снабдување со енергија и пристапни цени за потрошувачите,“, се вели во заедничката изјава на лидерите на Г7.
Војната во Украина значеше преиспитување на децениската енергетска политика во која евтиниот гас од Русија ја поддржуваше европската економија.
Г7 е форум на лидери на водечките светски индустриски земји, вклучувајќи ги Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД.
Во меѓувреме, Соединетите Држави најавија санкции против три руски телевизиски станици, им забранија на Американците да даваат сметководствени и консултантски услуги на Русите и воведоа визни забрани за 2.600 руски и белоруски службеници.