Северна Македонија ја одработи својата задача во однос на зачленувањето во Европската Унија и сметам дека процесот треба да продолжи што е можно поскоро, а најавениот стратешки дијалог со САД е процес, кој е почнат уште поодамна и не претставува никаква замена за членството во Унијата, изјави денеска американската амбасадорка Кејт Мари Брнз.
Таа одговарајќи на новинарски прашање на отворениот ден за приказ на воздухоплови кој е дел од вежбата „Брз одговор 22“ на спортскиот аеродром „Стенковец“, изрази надеж дека Северна Македонија во јуни ќе добие датум за почеток на преговори.
„Сметам дека Северна Македонија ја одработи својата задача во однос на членството во ЕУ и сметам дека процесот треба да продолжи што е можно побрзо. Сакам да истакнам дека стратешкиот дијалог, кој го воспоставивме не претставува замена за членството во ЕУ, туку станува збор за унапредување на односите, кои досега сме ги имале,“ истакна Брнз.
Таа појасни дека зајакнувањето на соработката меѓу двете земји сега се одвива и во насока на тоа што Северна Македонија е полноправна членка на НАТО.
„Кажавме дека по зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, нашиот однос ќе се промени, затоа што станавме сојузници, седиме на иста маса, имам еден заеднички глас и се разбира нашата соработка еволуираше во таа насока“, додаде Брнз.
Стратешкиот дијалог до САД почнува во јуни во повеќе сфери – надворешната политика, економија, инвестиции, одбрана, а следната недела ќе биде дефиниран тимот на министри и експерти од земјава, кои ќе престојуваат во Вашингтон и ќе имаат таму состаноци на соодветното ниво. Брнз нагласи дека идејата е на иста маса да седнат претставници од различни институции на Северна Македонија и САД и сето ова ќе преставува еден вид на билатерална соработка во конректни области, како енергетика, економија, екологија, техника, технологија, култура.