Киев денеска ја обвини Русија за бомбардирање на училиште во областа Луганск во источна Украина, каде во моментот на нападот се наоѓале 90 лица во засолниште и дека две лица се убиени, додека околу 60 од нив се уште се под урнатините.
„Две лица загинаа во руското бомбардирање на училиште во украинското село Билохоривка, а се стравува дека 60 од оние кои останаа под урнатините се мртви“, изјави денеска гувернерот на Луганск, Сергеј Каидаи, пренесува Ројтерс.
Украински функционер на телеграм изјавил дека руски авион во саботата попладне фрлил бомба во училиште во кое се засолниле околу 90 луѓе и дека досега се спасени 30 од нив, од кои седум се повредени, пренесува британската агенција.
Украинското Министерство за надворешни работи објави видео од последиците од вчерашниот бомбашки напад на училиштето.
Во објава на Министерството на Твитер пишува:
„Русија го изврши ова брутално воено злосторство непосредно пред Денот на сеќавањето и помирувањето (украинското име за Денот на победата над нацизмот), постојано повторувајќи ја трагедијата од Втората светска војна“.