Рускиот претседател Владимир Путин смета дека не може да си дозволи пораз во Украина и е уште поубеден во опцијата за војна, но не покажува знаци дека користи тактичко нуклеарно оружје, изјави директорот на американската Централна разузнавачка агенција Бил Барнс.
И покрај поразите на руските сили во обидот да го освојат Киев и нивната борба да напредуваат долж главната линија на фронтот на југоисток во близина на регионот Донбас, рускиот лидер не ја промени својата позиција дека неговите сили можат да ја победат Украина, рече Барнс.
Вербата на Путин во способноста на руската армија да ја ослабне одбраната на Украина веројатно не е разнишана, и покрај клучните порази на бојното поле, изјави шефот на американската разузнавачка агенција за Фајненшл тајмс, пренесува АФП (Франс прес).
„Мислам дека е во психичка состојба каде што не верува дека може да си дозволи да загуби“, изјави Барнс.
Путин не го одврати отпорот на Украинците во војната „бидејќи толку многу вложи во потезите што ги направи за да ја започне оваа инвазија.Мислам дека во моментов е убеден дека поодлучниот пристап сепак ќе му овозможи да напредува“, рече Барнс.
Барнс, кој беше амбасадор на САД во Русија и помина многу време проучувајќи го рускиот лидер, рече дека неговите и другите западни разузнавачки агенции не гледаат знаци дека Москва е подготвена да користи тактичко нуклеарно оружје за да победи во Украина или да ги таргетира поддржувачите.
Русија го стави својот нуклеарен арсенал во состојба на готовност веднаш по започнувањето на инвазијата на Украина на 24-ти февруари.