Бугарија бара од ЕУ двегодишно одложување, пред целосно запирање на увозот на руска нафта

илустрација

Претседателот на Комитетот за енергетика на Народното собрание на Бугарија, Радослав Рибарски, за „БТВ“ изјави дека Бугарија бара од ЕК за две години да се одложи запирањето на увозот на руска нафта.

Како што пренесува дописникот на МИА од Софија, Рибарски изјави дека засега нема официјален одговор од Европската комисија на барањето на Бугарија. Доколку не се добие одложување, Бугарија може да стави вето на заедничката одлука.

„Бугарија е категорична дека ќе се бориме до последен здив за да добиеме одложување“, рече Рибарски.

Со предложениот шести пакет санкции против Русија, ЕК предвидува постепено прекинување на увозот на руска нафта до крајот на годинава.

На 4 мај, Европската комисија предложи следната рунда санкции да вклучи етапна забрана за увоз на руска нафта, што, доколку биде одобрено, ќе биде најтешкиот потег против енергетскиот сектор на Русија досега.Некои земји на истокот на ЕУ се загрижени дека нема да им се даде доволно време да се приспособат, иако овој предлог најавуваше дека Унгарија и Словачка ќе добијат рок до крајот на 2023 година. Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека неговата земја не може да поддржи нов пакет санкции што вклучува ембарго за увоз на нафта од Русија.