Макрон положи заклетва за втор мандат

Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска е инаугуриран за втор мандат. Тој вети дека првично ќе преземе чекори за да се избегне каква било понатамошна ескалација на руската војна во Украина пред да продолжи да се фокусира на промовирање на Франција и Европа во светот.

На 24 април, во вториот круг, Макрон беше реизбран за шеф на француската држава во следните пет години, а ја победи екстремно десничарската ривалка Марин Ле Пен.

Во својот говор Макрон вети дека „прво ќе преземе мерки за да се избегне каква било ескалација по руската агресија во Украина“.

Макрон, исто така, вети дека ќе најде „фер метод“ за управување со земјата и за ублажување на социјалните тензии со тоа што ќе ги принуди владата и парламентот да работат заедно со синдикатите, здруженијата и другите претставници од политичкиот, економскиот, социјалниот и културниот свет.

На церемонијата на инаугурацијата, Макрон одржа пократок говор од вообичаеното и поголемиот дел од времето го поминуваше индивидуално поздравувајќи ги присутните. На церемонијата присуствуваа околу 500 гости. Најмногу од гостите беа од светот на политиката, иако меѓу нив имаше актери, здравствени работници, воени офицери како и поранешни претседатели Франсоа Оланд и Никола Саркози.

Вториот мандат на Макрон официјално ќе започне на 14 мај.