Северна Кореја лансираше нов проектил

Северна Кореја истрела проектил во морето, а се работи најверојатно за балистичка ракета, соопштено е во Јужна Кореја и Јапонија.

Генералштабот на Јужна Кореја соопшти дека ракетата била лансирана од водите во близина на источниот пристанишен град Синпоа, каде Северна Кореја има големо бродоградилиште за изградба на подморници.

Според Генералштабот, проектилот со краток дострел прелетал 600 километри на максимална надморска височина од 60 километри.

Во соопштението се вели дека јужнокорејските и американските служби го анализираат лансирањето, што тие го нарекоа „јасно кршење“ на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и „сериозна закана“ за меѓународниот мир и стабилност.

Ова е втор пат Северна Кореја да истрела ракета оваа недела, а се стравува дека земјата може да започне со нуклеарни проби. Се верува дека ова е петнаесетто балистичко лансирање оваа година.

Експертите сметаат дека целта на невообичаено брзото темпо на тестирање е да се предупредат Соединетите Држави дека Северна Кореја е нуклеарна сила и да се принудат да ги укинат санкциите.

Има индиции дека се прават подготовки на полигонот за нуклеарни тестирања, последен пат изведени во 2017 година.