На Криволак почнува најголемата воена вежба во земјава

Криволак 2022

Со околу 4.600 војници од осум држави – Северна Македонија, САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија и Грција од денеска на армискиот полигон Криволак започнува „Брз одговор 22“, најголемата воена вежба што се реализира во земјава.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска изрази убедување дека припадниците на македонската Армија и на МО ќе го покажат тоа што најдобро го знаат и умеат.

„Целта на оваа вежба има два аспекта. Тоа е подготвеноста на македонската Армија за вакви комплексни вежби што ги изведуваме заедно со сојузниците, при што се покажува нејзината подготвеност, нивото на операбилност, но и начинот на кој се соработува со армиите во рамки на НАТО. Второ, што е исто така значајно за нашата држава – ги покажува капацитетите и способностите на тренинг центарот Криволак“, ,изјави Петровска.

Таа додаде дека Криволак е сериозен тренинг центар, кој сите членки на Алијансата ќе ги користат поволностите.

На спортскиот аеродром Стенковец, пак, утре во период од 10 до 16 часот, ќе се организира отворен ден за граѓаните, каде ќе бидат изложени сите воздухолови кои учествуваат во вежбата, а тоа се 45 најразлични воздухоплови, авиони и хеликоптери. Ќе бидат изложени воздухопловите на Армијата и МВР. На 12 мај ќе биде отворениот Ден за високи гости.