Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека југоисточниот пристанишен град Мариупол е целосно уништен и дека нема што да им падне во раце на Русите, освен неговата опколена челичарница.
Зеленски, говорејќи на видео повик до истражувачкиот центар „Чатам Хаус“ во Лондон, беше запрашан како падот на стратешкиот град може да влијае на текот на конфликтот.
„Треба да разберете дека Мариупол никогаш нема да падне. Нема што да се распадне. Тој е веќе уништен... нема структура. Сето тоа е целосно уништено“, рече Зеленски.
Она што остана е „оваа мала структура, челичарницата Азовстал или она што остана од него“, додаде тој.
Челичарницата во Мариупол е последниот џеб на украинскиот отпор против руските сили во пристанишниот град, каде што се проценува дека околу 200 цивили сè уште се заробени во тунели и бункери. Според процентките, во Азовстал се опколени и околу 2000 украински војници.
Украинските војници кои ја бранат централата денеска ги обвинија руските сили дека пукале за време на евакуација на цивили, и покрај наметнатиот прекин на огнот од Москва.
Зеленски рече дека „луѓето се евакуираат колку што можеме“.
„Ако убиваат луѓе кои можат да бидат разменети како заробеници или само ослободени како цивили или да им се помогне како ранети или повредени, цивили и воени лица подеднакво, ако ги уништат, мислам дека не можеме да имаме никакви дипломатски разговори со нив после тоа“, додаде тој.
Исто така, се осврна на руските планови да се одржи победничка парада во Мариупол на 9 мај, празник во чест на советската победа над нацистите.
„Разбирам дека Русија би сакала да има парада за Денот на победата, деветти мај“, рече тој.
Кремљ денеска негираше таков план.
Зеленски ја осуди руската војска за „мачење до смрт“ на цивили во Мариупол, обвинувајќи ја пропагандната машина на Кремљ за поттикнување омраза.
Руската воена инвазија започна на 24 февруари, а Мариупол е еден од најпогодените градови од руските напади.