Шефот на Европската комисија повика на продолжување на работата на новиот гасовод што ги поврзува Франција и Шпанија, додека блокот се обидува да ја намали зависноста од руските енергетски извори.
„Сега цела Европа се согласува дека мора да ја намалиме зависноста од руските фосилни горива“, рече Урсула фон дер Лајен во Барселона, по средбата со шпанскиот премиер Педро Санчез.
„Тоа е од клучно значење за нашите климатски цели и да ставиме крај на уцените на Кремљ“, додаде таа.
Европа се обиде да ја намали зависноста од енергетските извори од Русија по одлуката на Кремљ да ја нападне Украина на 24 февруари. На 4 мај, Европската унија предложи ембарго на руската нафта, иако планот се соочи со противење внатре во блокот, особено од Унгарија, Словачка и Чешка, поради економското влијание врз нивните сопствени економии.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин побара „непријателските земји“ да го платат својот гас во рубли. Полска и Бугарија одбија да го сторат тоа и нивното снабдување со гас беше прекинато кон крајот на минатиот месец.
Шпанија има шест терминали за увоз на течен природен гас (LNG), главно од Алжир. Сепак, има само две врски со низок капацитет до гасната мрежа во Франција.
Проектот беше лансиран во 2013 година за поврзување на Португалија, Шпанија и Франција, но противењето на еколошките здруженија и финансиските прашања ги запреа напорите во 2019 година.
Шпанската влада се залага за продолжување на проектот за гасоводот, но се спротивстави да придонесе со потребните 465 милиони американски долари бидејќи проектот не е директно од корист на Шпанија.
Санчез рече дека таквите напори се „европски проекти“.
„ЕУ е таа што треба да ги финансира. Тоа не може да биде Шпанија или Португалија. Тоа треба да биде ЕУ“, изјави Санчез.