Виртуелна средба на Г7 и Зеленски за помош на Украина

Илустративна фотографија

Лидерите на Групата седум (Г7) ќе разговараат со украинскиот претседател Володимир Зеленски на 8 мај, соопштија од Белата куќа. Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа изјави дека виртуелните разговори ќе се фокусираат на најновите случувања во борбата на Украина против неиспровоцираната инвазија на руските сили.

Лидерите на најголемите светски економски сили ќе бараат начини како да му помогнат на Киев. Г7 ја сочинуваат САД, Велика Британија, Франција, Германија, Јапонија, Канада и Италија. Претходно беше позната како Г8, но Русија беше исфрлена по нејзината инвазија на Украина во 2014 година.

Вашингтон и многу негови сојузници обезбедија милијарди долари економска и воена помош за Киев и спроведоа серија финансиски санкции кон Москва по руската инвазија на Украина на 24 февруари.

На 4 мај, американскиот претседател Џо Бајден рече дека планира да разговара за можни дополнителни мерки за казнување на Москва за нејзината континуирана и интензивна војна во Украина.

„Ќе разговарам со членовите на Г7 оваа недела за тоа што ќе правиме или нема са правиме“, им рече тој на новинарите.

Исто така, Европската унија на 4 мај го претстави предлогот за забрана на увозот на руска нафта до крајот на годината, иако тој план се соочува со противење од внатре во блокот, особено од Унгарија, Словачка и Чешка, врз основа на потенцијална штета на нивните сопствени економии.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, кој ќе учествува на повикот на Г7, треба да има телевизиско обраќање до германскиот народ на 8 мај, денот кога Западот го одбележува како крај на Втората светска војна.

Портпаролката на германската влада рече дека виртуелните разговори „ќе ги опфатат актуелните прашања, особено ситуацијата во Украина. Украинскиот претседател Зеленски ќе учествува и ќе известува за моменталната ситуација во неговата земја“.