Првата дама на САД пристигна во Романија и ги посети американските војници

Илустративна фотографија/ Првата дама на САД, Џил Бајден

Првата дама на САД, Џил Бајден пристигна во Романија со што ја започна петдневната посета што ќе ја продолжи во Словачка, уште една членка на НАТО, а како дел од напорите на Вашингтон да им даде поддршка на сојузниците во време на руската војна против Украина.

Бајден пристигна денеска во воздухопловната база Михаил Когалничеану во близина на романскиот град Констанца, на околу 100 километри од границата со Украина. Тука се стационирани повеќе илјади американски војници кои последниве месеци беа распоредени во Источна Европа.

По посетата на американските војници, Бајден ќе замине за Букурешт, каде на 7 мај ќе се сретне со членовите на романската влада, персоналот на американската амбасада и наставниците кои работат со раселените украински деца, се вели во соопштението од нејзиниот кабинет.

Додека е во главниот град, Бајден ќе се сретне со првата дама на Романија, Кармен Јоханис, за да „ја изрази својата благодарност за дарежливоста и поддршката на Романија за украинските бегалци“, соопштија од кабинетот на Бајден.

Нејзиното патување вклучува и посета на словачкиот главен град Братислава за да се сретне со владини претставници и персоналот на Амбасадата на САД.

Пред да тргне на своето патување, Бајден на Твитер напиша „на пат кон Романија и Словачка за да го поминам Денот на мајката со украинските мајки и деца кои беа принудени да ги напуштат своите домови поради војната на Путин“.

Романија и Словачка примија стотици илјади украински бегалци кои бегаат од руската инвазија. Речиси 5,5 милиони луѓе ја напуштиле Украина од руската инвазија на 24 февруари, според агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР.

Американскиот претседател Џо Бајден предложи огромен пакет од 33 милијарди долари за вооружување и поддршка на Украина.