Украина бара меѓународно ембарго за увоз на руска нафта и гас

Илустративна фотографија

Украинскиот министер за финансии Серхи Марченко денеска повика на воведување целосно меѓународно ембарго за увоз на руска нафта и гас, поради инвазијата на Москва на Украина.

Осврнувајќи се на „недоволните санкции“, тој рече дека високите цени на нафтата и гасот значат дека Москва има буџетски суфицит и дека „се чувствува прилично удобно“.

„Главното прашање е целосно ембарго за купување гас и нафта од Руската Федерација. Ова е нешто на што треба да се работи. Тоа ќе овозможи да се елиминира можноста за финансирање на војната“, рече тој.

За време на онлајн брифинг, Марченко рече дека Украина, се бори да го балансира својот буџет и како министер за финансии не е задоволен од брзината со која пристигнува финансиската помош од странство.

Европската комисија пред два дена предложи нова рунда санкции кои би вклучиле етапна забрана за увоз на руска нафта. Сепак, повеќе земји на истокот на ЕУ се загрижени дека нема да им се даде доволно време да се приспособат.

Бугарија најави и вето на одлуката на ЕУ за руското нафтено ембарго доколку не биде вклучена во списокот на земји кои ќе го одложат воведувањето на оваа санкција. И Унгарија и Словачка сакаат подолг период за прекин на употребата на руската нафта. Според предлогот на ЕК, двете земји ќе добијат една година повеќе од остатокот од ЕУ за да се откажат од руската нафта.

Руската нафта учествува со 25 отсто од вкупниот увоз на нафта во ЕУ и е главен извор на приходи на Кремљ. САД од друга страна најавија целосна забрана за увоз на руска нафта, гас и јаглен, а Обединетото Кралство дека постепено ќе ја исфрли руската нафта до крајот на годината. САД се согласија да испорачаат дополнителни 15 милијарди кубни метри течен природен гас во Европа до крајот на оваа година.

Русија предупреди дека забраната за нејзината нафта ќе доведе до „катастрофални последици за глобалниот пазар“. Таа е трет по големина производител во светот, по САД и Саудиска Арабија. Околу половина од извозот на сурова нафта на Русија се извезуваше во Европа пред да бидат објавени санкциите.