Амнести интернешнал предупреди дека има докази за руски злосторства

илустрација

Има убедливи докази дека руските трупи извршиле воени злосторства, вклучително и егзекуција на цивили, откако ги окупираа областите околу Киев во февруари и март, соопшти денеска Амнести интернешнал.

„Цивилите, исто така, претрпеа малтретирање, како што се пукање и тортура од руските сили, за време на нивниот напад врз Киев во раните фази на инвазијата што започна на 24 февруари“, се наведува во извештајот, пренесува Ројтерс.

„Ова не се изолирани инциденти. Тие во голема мера се дел од моделот секаде каде што руските сили имаат контрола“, рече Донатела Ровера, висок советник на Амнести интернешнал, на прес-конференција во Киев.

Таа изјави дека се надева оти податоците што ги собира оваа организација, порано или подоцна, ќе бидат искористени за да се повикаат на одговорност сторителите.

Русија, која својата инвазија на Украина ја нарекува „специјална операција“ насочена кон разоружување на Украина и заштита од фашисти, негира дека нејзините сили се одговорни за злосторствата.

Киев и неговите западни партнери тврдат дека руските наводи за фашизам се лажно оправдување за неиспровоцирана агресија против Украина.

Украинските власти соопштија дека истражуваат повеќе од 9.000 потенцијални воени злосторства извршени од руски војници. Меѓународниот кривичен суд исто така ги истражува наводните воени злосторства.

Извештајот на Амнести интернешнал ги документира наводите за воени злосторства извршени од руските сили кога окупираа област северозападно од Киев. Тука спаѓа и Буча, град во кој, според украинските власти, се убиени повеќе од 400 цивили. Москва ги повлече своите трупи од областа на почетокот на април.