Бугарија ќе стави вето на одлуката на ЕУ за руското нафтено ембарго

илустрација

Бугарија ќе стави вето на одлуката на ЕУ за руското нафтено ембарго доколку не биде вклучена во списокот на земји кои ќе го одложат воведувањето на оваа санкција, јави локалната ТВ НОВА, повикувајќи се на свои извори.

На денешната средба на амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел, како што јави дописникот на МИА од Софија, учествува и бугарскиот дипломат Румен Александров. Средбата почна утрото, а амбасадорите се децидни дека ќе продолжи се додека не се реши руското нафтено ембарго.

ЕК претстави измена на планот, со кој се предлага да се воведе исклучок за Унгарија, Словачка и Чешка, но не и за Бугарија. Според локалните медиуми, од официјална Софија е добиена официјална инструкција дека доколку на исклучоците не се додаде Бугарија, таа ќе стави вето на одлуката.

Унгарија и Словачка сакаат подолг период за прекин на употребата на руската нафта. Според предлогот на ЕК, двете земји ќе добијат една година повеќе од остатокот од ЕУ за да се откажат од руската нафта. Будимпешта и Братислава го отфрлија предлогот, велејќи дека им треба повеќе време за да ги приспособат своите синџири на снабдување.

Чешка и Словачка најверојатно ќе се приклучат на оваа шема за ослободување, бидејќи и двете се слично зависни од руската нафта.