Израелскиот премиер Нафтали Бенет изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се извинил за коментарите на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека нацистичкиот водач Адолф Хитлер „имал еврејско потекло“. По телефонскиот разговор со рускиот лидер, Бенет рече дека го прифатил извинувањето и му се заблагодарил на Путин што ја разјаснил својата позиција.
Наводно, израелскиот премиер побарал од Путин да ја разгледа можноста за евакуација од опколената фабрика за челик Азовстал во украинското пристаниште Мариупол. Бенет рече дека тоа барање го дал по претходен разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски и дека Путин му ветил дека ќе воспостави коридор за евакуација на цивили.
Русија го обвини Израел дека ги поддржува „неонацистите во Украина“
Израел бара извинување по изјавата на Лавров дека Хитлер имал еврејска крв
За време на интервјуто за италијанскиот канал Рете 4, Лавров беше запрашан како Русија може да тврди дека треба да ја „денацифицира“ Украина, кога претседателот на земјата, Володимир Зеленски, е Евреин. „Кога велат „каква нацификација е ова ако сме Евреи“, мислам дека и Хитлер имал еврејско потекло, така што тоа не значи ништо“, рече Лавров, додавајќи: „Долго слушаме како мудриот еврејски народ вели дека најголеми антисемитисти се самите Евреи“. Еден ден подоцна, Израел побара извинување од Лавров.