Не може да се разговара за парцијални барања од двете страни и договор со Бугарија е можен единствено кога ќе има сеопфатно решение што ќе ги затвори сите отворени прашања и ќе значи безусловно кревање на ветото за почнување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, изјави премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Клик плус“ на ТВ21. Тој додаде дека политичките прашања со Бугарија се разговараат меѓу експертите од министерствата за надворешни работи, кои разменуваат идеи и одржуваат состаноци, но дека во моментов не постои документ прифатлив за двете страни. „Финален документ, прифатлив за двете страни во моментов нема. Кога таков документ ќе е достапен тој ќе биде споделен со институциите и во нашата држава и во Бугарија“, рече Ковачевски.
Тој, во врска со барањето на Бугарија за внесувањето на Бугарите во Уставот, рече дека македонскиот Устав не е книга која кога сакаме ја отвораме или затвораме. Премиерот го повтори ставот во врска со отворањето на бугарскиот културен клуб во Битола, дека го смета за провокација поради името „Ванчо Михајлов“. Тој околу барањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за одржување на предвремени парламентарни избори истакна дека парламентарни избори ќе има во 2024 година, заедно со претседателските.