Од Теута Арифи до руските јахти
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Велика Британија санкционираше компанија за челик и рударство Евраз чиј најголем акционер е милијардерот Роман Абрамович. Во меѓувреме Западот продолжува финансиски да ја казнува Русија за нејзината инвазија на Украина.
МАКЕДОНИЈА - Македонскиот јазик е нашиот идентитет, темелот на македонската држава и нација и неговото негирање е негирање на постоењето на македонскиот народ и држава. Ова е пораката која денеска ја испратија од Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет, на денешното чествување на Денот на македонскиот јазик. Прославата и пораките доаѓаат во период кога македонскиот јазик, а со тоа и идентитет и нација се оспорувани од политичарите и академската заедница во Бугарија.
МАКЕДОНИЈА - Ние мораме да имаме некаква гаранција од Бугарија, уште подобро и од Брисел и целата Европска Унија, дека прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, ќе биде последното барање на Софија. Ова вечерва го изјави претседателот Стево Пендаровски во интервју за телевизијата Канал 5. Тој додаде дека до овој момент нема таков позитивен сигнал од бугарска страна.
МАКЕДОНИЈА - Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал од Кривичниот суд во Скопје денеска побара продолжување на мерката притвор за нови 30 дена за поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири.
ФИЏИ / РУСИЈА - Властите на Фиџи запленија голема јахта во руска сопственост по американска потерница како дел од санкциите воведени од Вашингтон кон Москва поради нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина. Заплената доаѓа два дена откако Судот соопшти дека ја дал наредбата за запленување на јахтата именувана како Амадеа вредна 300 милиони долари, за која американските власти велат дека е во сопственост на рускиот олигарх Сулејман Керимов.
УКРАИНА / ГЕРМАНИЈА - Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер разговараше со неговиот украински колега, Володимир Зеленски, во услови на несогласување околу посетата на Киев минатиот месец, која беше откажана во последен момент од Украина.
МАКЕДОНИЈА - Со автомобили вработените во Управата за водење матични книги протестот го започнаа од пред Собранието кон министерство за правда. Улиците во центарот на градот беа блокирани. Се очекува по протестот претставници на Независниот сидникат на управата за водење матични книги да се сретнат со министерот за правда Никола Тупанчевски.
МАКЕДОНИЈА - Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами објави дека општината поднела кривична пријава против поранешната градоначалничка Теута Арифи за еден предмет на експропријација. Тој ја обвини неговата претходничка дека поради овој предмет општинскиот буџет е оштетен за над еден милион евра.
РУСИЈА / ДАНСКА - Русија протера седум лица од данската амбасада во Москва, како одговор на потегот на Копенхаген четири недели претходно.