Пендаровски- Ни треба гаранција и од Брисел дека впишувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последно барање од Софија

Ние мораме да имаме некаква гаранција од Бугарија, уште подобро и од Брисел и целата Европска Унија, дека прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, ќе биде последното барање на Софија. Ова вечерва го изјави претседателот Стево Пендаровски во интервју за телевизијата Канал 5. Тој додаде дека до овој момент нема таков позитивен сигнал од бугарска страна.

Шефот на државата истакна дека доколку Бугарија се обврзе дека нема да бара ништо дополнително околу тоа прашање, тогаш ќе се добијат двојни гаранции.

"Ако вие ми кажете ние сакаме да бидат гарантирани правата на Бугарите кои живеат во Република Северна Македонија, јас немам проблем со тоа. Меѓутоа на кој начин мислите? Бугарската страна смета дека тоа треба да се направи на самиот почеток – ќе го смените Уставот ќе ги ставите внатре и тоа ќе биде за нас најголема гаранција дека вие сте сериозни во почитувањата на правата на Бугарите кои живеат кај вас. Јас мислам дека тоа е еден тип на уцена. Пред да почнеме да преговараме ти мене ме уценуваш. Ако ми велиш дај ми гаранција дека ти ќе го промениш Уставот до тој и тој датум. На ист начин ти ќе кажеш, ако ти го промениш Уставот до тој и тој датум, тогаш јас се обврзувам дека нема да барам ништо плус од ова во однос на ова прашање. Тоа се двојни гаранции",објасни Пендаровски.

Тој додаде дека власта и опозицијата имаат идентична позиција во однос на тоа прашање, оценувајќи дека ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оти партијата нема да поддржи промена на Уставот за внесување на Бугарите во него, доколку не се добие гаранција од Софија дека нема да има нови условување, е сосема коректен.

" Го зборувам тоа со месеци. Не е проблем да ги внесеме и Хрватите, Црногорците, сме ставале и други народи, ќе ги ставиме и Бугарите, но која е гаранцијата. Срамота е секој понеделник да го отвораме Уставот. Тој е сувереноста, белегот на една држава. Да си играш мајтап и да го отвораш на секои две недели не е коректно", изјави претседателот Пендаровски.

Според него, ако Софија е сериозна тогаш нека потврди дека ова ќе биде последно барање и дека ако го исполниме нема постави некое друго вето.

Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се објави за што се преговара со Бугарија, Пендаровски вели дека тоа опозициската партија има легитимно право за вакво барање и дека тој кога би бил во опозиција би го барал истото.

Шефот на државата е скептичен дека доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, ќе може да се постигне договор со Бугарија.

"Јас ви тврдам дека со сегашниот нивен став, нема да имплементираат ништо. Дај Боже да грешам, но знам што сега се зборува. Со овие ставови не правите договор со Бугарија", заклучи претседателот Пендаровски.

Пендаровски говореше за разочарувањето на народот во однос на ветото од страна на Бугарија, истакнувајќи дека ако има добар договор ќе мора да се убедуваат граѓаните дека тоа е добро за македонскиот евроинтеграциски пат.