Македонскиот јазик е нашиот идентитет, темелот на македонската држава и нација и неговото негирање е негирање на постоењето на македонскиот народ и држава. Ова е пораката која денеска ја испратија од Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет, на денешното чествување на Денот на македонскиот јазик. Прославата и пораките доаѓаат во период кога македонскиот јазик, а со тоа и идентитет и нација се оспорувани од политичарите и академската заедница во Бугарија.
Македонскиот јазик е признаен во светот и не потекнува од бугарскиот јазик, зашто двата јазици имале сопствен развој, порачаа Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет, на денешното чествување.
„Македонскиот јазик е јужнословенски јазик. Си има паралелно свој сопствен развој, како што си има и бугарскиот свој сопствен развој. Јас токму тоа го нагласив и секогаш го нагласувам, апропо сегашнава ситуација дека македонскиот јазик има еден континуитет кој што е неспорен. Секој што сака да прочита и да ги види фактите, тој континуитет ќе го види. И тоа не е нешто што само ние го тврдиме како Македонци.Т оа е од светот признаена работа, од светските научници“, изјави проф. д-р Искра Пановска- Димкова од катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „ Блаже Конески “.
Дополнително академиците посочија и на проблем кој со години тлее. На Институтот за македонски јазик кадарот е преполовен и во изминатите четири години не се примени нови научни работници.
„Ќе се доведеме во ситуација во 21 век да си го укинеме сами македонскиот јазик, не заради соседите Бугари, не заради Европската Унија, која впрочем и не мора да не прими ако не сака , туку заради тоа што ќе нема кој да зборува македонски. Јазикот живее додека живеат неговите говорители, а на нашите улици повеќе се слуша англиски јазик зашто родителите си ги подготвуваат своите чеда за некоја странска земја.А, потребата од наставен кадар има само таму каде што има деца“, изјави Веселинка Лаброска- дописен чен на МАНУ.
Центри на моќ контра договор Софија - Скопје за да не се зацврсти позицијата на ЕУ на Балканот
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека јазикот е нашата татковина а иднината на јазикот е иднина на татковината.
„Денес нашиот приоритет останува поттикнувањето на развојот и афирмацијата на македонскиот јазик како наш постојан влог за неговата иднина. Иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина. Јазикот е жива материја и најочигледно ќе покаже дека се грижиме за него преку начинот како го говориме, како го пишуваме и како го читаме македонскиот литературен јазик. Да го чуваме, унапредуваме и достојно да го предадеме на сите генерации после нас“изјави Ковачевски на одбележувањето на 5 Мај- Денот на македонскиот јазик.
Пред четири години, Владата го прогласи 5 мај за ден на македонскиот јазик. Датумот се поврзува со усвојувањето на азбуката и кирилското писмо како официјални од страна на Народната влада на Федерална Македонија, во 1945 година.
Патот на Македонија кон ЕУ од страна на Бугарија блокиран од 2020 година. Освен барањето за ставање на Бугарите во Уставот, источниот сосед тврди дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.