Теута Арифи доби кривична од општина Тетово

Теута Арифи

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами објави дека општината поднела кривична пријава против поранешната градоначалничка Теута Арифи за еден предмет на експропријација. Тој ја обвини неговата претходничка дека поради овој предмет општинскиот буџет е оштетен за над еден милион евра.

„ Вредноста на експропријацијата била три милиони денари, сега каматата за оваа сума е 65 милиони денари. Инаку, овој случај датира од 80-тите години, а повторно бил активиран во 2015 година, за кој сите судски одлуки се позитивни. Се сомневаме дека претходното раководство намерно не го обжалило решението, за кое денеска Општина Тетово плаќа камата и со тоа не само што се оштетува буџетот на општината, туку и на граѓаните“, вели Касами.

Тој додава дека буџетот на општина Тетово е оштетен во износ од 68 милиони денари. А само во неговиот мандат за камати се платени над 29 милиони денари или приближно половина милион евра. Според бего поранешното раководство не реагирало навреме.

„Не поднеле никаков приговор или договор со странката за да не го оштетат буџетот на Општина Тетово, со единствена цел, да ги искористат евентуалните пазарења што можеле да се направат со странката. Се обидуваме да им објасниме на граѓаните каде завршиле нивните пари и зошто општината е во огромни долгови. Граѓаните имаат право да знаат зошто е блокирана сметката на Општина Тетово, а со тоа се кочи нормалното функционирање на локалната власт,“ истакна Касами.

Тој рече дека со сопственикот имале неколку средби кои завршиле неуспешно околу можно договарање за исплата на експропријацијата, без да бара исплата на камата.