Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со германската министерка за надворешни работи Аналена Барбок изјави дека разговорите во Берлин не биле лесни, но дека е задоволен од големиот интерес на германската Влада за разговор со Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
„Нашата позиција е тешка, секако ужасно комплицирана, а со изјавите на претседателот Путин таа дополнително е искомплицирана. За сето тоа ќе зборувам утре. Се плашам од се што следи“, изјави Вучиќ пред новинарите во Берлин по средбата со Барбок.
Тој порача дека „не можеме да ја бираме и да ја смениме Германија“ и дека ако некој мисли дека Србија ќе го промени ставот на Германија за прашањето за Косово „тоа нема да се случи“.
Вучиќ кажа дека со Бербок разговарал за европската перспектива на Србија, кризата во Украина и ситуацијата во Косово и дека има делови од разговорот кои „не биле лесни“. На прашањето дали е можен „посилен пресврт во српската политика“, тој повтори дека Србија е на европскиот пат“.
Претседателот на Србија вчера се сретна и со канцеларот на Германија, Олаф Шолц, со кого одвоена средба имаше и премиерот на Косово, Албин Курти, како и со посредникот на ЕУ во дијалогот Белград-Приштина Мирослав Лајчак