Шолц ги притиска Србија и Косово да ги продолжат разговорите за нормализација

Специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак се сретна со косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ, Берлин, 04.05.2022.

Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера ги повика Косово и Србија да бидат конструктивни во процесот на рестартирање на разговорите за нормализација и ја повтори својата желба сите земји од Западен Балкан да станат членки на Европската унија. Шолц одржа одвоени разговори во Берлин со косовскиот премиер Албин Курти и со српскиот претседател Александар Вучиќ во обид да се надмине ќор-сокакот во разговорите за нормализација кои се замрзнати од минатото лето. „Западен Балкан ѝ припаѓа на Европа“, рече Шолц по разговорите со Курти, но тој ги предупреди двете страни дека напредокот во дијалогот е „клучен за мирот и стабилноста во југоисточна Европа, како и за европската интеграција на двете земји“. Од 2011 година, Косово и Србија се вклучија во дијалог предводен од ЕУ, кој има за цел да постигне сеопфатен и правно обврзувачки договор за нормализација на односите.

Кристофер Хил: Ако Србија мисли дека Русија ќе и помогне со Косово, треба да „размисли повторно“

Зборувајќи по средбата со Шолц, Вучиќ рече дека ќе стори сѐ што е во негова моќ за да се постигне компромис. Шолц ја охрабри Србија да продолжи со реформите во владеењето на правото, слободата на печатот и борбата против организираниот криминал. Шолц, исто така, подвлече дека „признавањето на Косово - нешто што Германија го направи одамна - ќе биде дел од договорот“. Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, но Србија не го признава како независно и продолжува да има претензии за територијата. Повеќето земји од ЕУ го признаваат Косово како посебна држава. По средбата со Шолц, Курти истакна дека за неговата земја нема алтернатива за ЕУ и НАТО.

Лајчак: Без договор меѓу Белград и Приштина за регистарските таблички

Специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак кој беше во Берлин на покана на Шолц имаше „неформална вечера“ со Курти и Вучиќ. Тој на Твитер напиша: „Ќе ја продолжиме дискусијата на ниво на главни преговарачи на 13 мај“. Неформалната вечера беше прва средба меѓу Курти и Вучиќ во последните 10 месеци. Тие се сретнаа двапати во минатата година, но и двете средби беа неуспешни, бидејќи тензиите преовладуваа во просторијата и пред новинарите. Вечерата имаше за цел да го деблокира процесот за нормализација за да може да продолжат редовните состаноци во Брисел. Пред вечерата, Вучиќ рече дека процесот не бил лесен, но со впечатлив и оптимистички тон.