Од Навални до Неделков
РУСИЈА - Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални тврди дека ќе биде префрлен во озлогласена казнена колонија, каде, според него, затворениците биле мачени. Тоа очекува да се случи откако неговата последна затворска казна ќе стапи на сила.
МАКЕДОНИЈА - Кривичниот суд го издал упатниот акт за бизнисменот Јордан Орце Камчев за отслужување на затворската казна од една година, која ја доби по спогодбата со обвинителството за случајот Империја, потврдија за РСЕ од Кривичниот суд. Упатниот акт е во фаза на достава и затоа, како што велат од судот, со дополнителни детали ќе излезат утре.
МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков попладнево соопшти дека завршила денешната рунда преговори со Министерството за образование и наука под покровителство на медијатор. Тој најави дека преговорите ќе продолжат в петок кога очекуваат и конкретни одговори на нивните предлози.
АЛБАНИЈА - Координаторите на пратеничките групи во албанскиот Парламент на денешната средба се договорија првиот круг на гласање за нов претседател на државата да се одржи на 16 мај.
ЈАПОНИЈА / РУСИЈА - Русија соопшти дека му забранила влез на јапонскиот премиер Фумио Кишида и на повеќе од 60 други лица, вклучително и министри од неговиот кабинет, членови на медиумите и интелектуалци. Такавата одлука е поради санкциите на Јапонија против Москва поради нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина.
САД - Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека оваа недела ќе разговара со другите лидери од групата на седум напредни економии Г7 за потенцијалните дополнителни санкции против Русија поради војната во Украина.
КИНА - По првомајските празници, Пекинг ги продолжува мерките против корона вирусот во текот на целиот месец. Мерките вклучуваат затворање на просториите за забави и теретаните поради опасноста од пренос на вирусот, објави кинеската државна телевизија, а пренесува Ројтерс.
МАКЕДОНИЈА - Македонскиот културен центар во бугарскиот град Благоевград се планира да биде отворен до крајот на годината, а неговото име ќе се определи во комуникација со нашиот Институт за национална историја, информира владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција во Владата.