Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални тврди дека ќе биде префрлен во озлогласена казнена колонија, каде, според него, затворениците биле мачени. Тоа очекува да се случи откако неговата последна затворска казна ќе стапи на сила.
Навални, кој во март беше осуден на девет години затвор додека веќе отслужуваше уште една затворска казна за посебен случај денеска на Телеграм напиша дека бил информиран од затворениците од поправната колонија број 6 во градот Мелехово дека властите се подготвуваат за негово префрлање во објектот.
„Мојата казна сè уште не стапила на сила, но затворениците од колонијата со максимално обезбедување во Мелехово ми напишаа дека таму ми се подготвува „затвор во затвор“. Ако го гуглате терминот Мелехово, ќе видите затвореници. Приказни за тоа како им ги откорнале ноктите“, напиша Навални, осврнувајќи се на наводите за тортура во институцијата.
Навални беше уапсен во јануари минатата година при неговото пристигнување во Москва од Германија, каде што беше лекуван од напад со отров со она што европските лаборатории го дефинираа како нервен агенс.
Нему му беше изречена затворска казна од 2 и пол години за прекршување на условите од претходно условно ослободување поради неговото закрепнување во странство. Осудата нашироко се смета за измислен, политички мотивиран случај.