Од Основното јавно обвинителство денеска соопштија дека е поднесено обвинение против едно физичко и едно правно лице за бесправно градење на местото на Стоковната куќа Беко во центарот на Скопје.
Обвинетиот, според соопштението на обвинителство, како управител на фирмата, почнувајќи од 2018 година, без правосилно одобрение за градење издадено од надлежен орган, во име и за сметка на правното лице како инвеститор градел деловен објект на сопствено земјиште на улицата „Даме Груев“ во општина Центар.
За предметните две катастарски парцели, како што се наведува, обвинетиот во 2016-та година добил Одобрение за градење, кое се однесува на доградба и надградба на тогаш постоечкиот објект Стоковна куќа Беко Скопје со ширина од 28,5 метри и должина од 42,5 метри. Но, наместо тоа, според соопштението, обвинетиот го урнал објектот и планирал на него место да изгради хотел без притоа да обезбеди дозвола за градба.
„Со стручно мислење за неисполнување на карактеристиките за носивост на доградбата и надградбата, во 2018 година тој обезбедил Одобрение од Општина Центар за отстранување на постоечкиот деловен објект. Откако го урнал објектот, без да добие ново одобрение за градење, на лице место започнал и градел нов објект со димензии од 61 м х 34,5 м. Од градбата со нови димензии, која била проектирана како Деловен објект со намена Б-5 хотелски комплекси од 2-ра категорија на градби, без соодветно одобрение биле изградени две подземни нивоа“, информираат од ОЈО.
Поранешниот градоначалник на општина Центар Саша Богдановиќ поднесе кривична пријава против бизнисменот и поранешен министер за финансии Борис Стојменов и неговата фирма за бесправно градење на местото на Стоковната куќа Беко.